Историја на АК “Работнички“

Историјата на спортското движење во Републиката ќе забележи дека во август 1943 година во Скопје Спорт клубот “Работнички” (“Свобода”) ќе организира натпревар во атлетски петобој. На тревнатиот терен четворица атлети се натпреварувале во пет дисциплини : трчање на 100 и 1500 метри, фрлање копје, скокови во далечина и височина. Славко Матовски и Никола Таневски се појавуваат како едни од главните носители на спортските активности во “Работнички” и ќе ги постават темелите на атлетиката како спортска дисциплина на просторите на Република Македонија.

Пролетта 1945 година и официјално ќе се именува како време кога кралицата на спортовите и официјално зачекори на просторот на Македонија. Во Скопје на тревнатите терени на Синдикалното спортско друштво “Работнички” организирани се првите атлетски натпревари на 100, 200, 1500 и 4 х 100 метри. Овие првични атлетски натпревари се и виза и за официјално формирање на атлетски клуб во рамките на спортското друштво. Како организатори на работата на атлетскиот клуб, но истовремено и први атлетичари во Македонија се именуваат Никола Таневски, Душко Миркуловски и Славко Матовски.

Веќе во август, истата 1945 година, организирано е Првото републичко првенство во атлетика кога се мерени и забележани и првите републички атлетски рекорди. Наредната 1946 година Атлетскиот клуб “Работнички” може да се пофали со веќе солидна за тоа време, сениорска екипа, а веќе работела и пионерската школа. На Првото скопско градско првенство во атлетика , меѓу другите, се истакнуваат и Лазо Милошевски, Славко Матовски, Никола Таневски, Ристо Бајалски, Дако Констатинов … Во годините што следеа потоа се навестуваше златниот период на АК “Работнички”. Имено, по малата стагнација во работата на Клубот во 1951 година, веќе во наредната се удрени темелите на една систематска работа под стручниот надзор на Славко Матовски. Атлетичарите на “Работнички” се републички прваци во речиси сите атлетски дисциплини. Имињата на Чедо Шаревски, Љубиша Трбоевски, Мемо Сулејмановски, Петко Димитровски, Трајко Димитров, Трајче Ивчев, Бранко Ѓорѓевиќ, Мирко Буневски, Бане Чадиковски, Бранко Димитровски, Зага Иванова, Раде Волињец, Вера Иванова …. беа високо вреднувани во македонската атлетика во тоа време. Веќе во 1958 се случува смена на тренерските позиции во “Работнички” нов атлетски учител е Чедо Шаревски. “Работнички” полека создава нова генерација на атлетичари : Елица Змејковска, Миле Младеновиќ, Зоран Михајлов, Нада Павлова, Јанко Јакимовски, Душко Михајлов, Ташко Благоев, Ѓорѓи Чадиковски, Благоја Костовски, Сефедин Амети, Милош Буцевски, Лазо Миновски, Јован Левков, Ратко Жунгулов, Трајко Чекоров, Снежана Андонова, Милица Мешкова, Марика Палазова, Вера Илиева, Дита Маркова ….

Кон крајот на 60-те и почетокот на 70-те години на повидок е една нова генерација на чело со веќе искусниот Ѓорѓи Чадиковски (повеќе од 20 години настапуваше во спринтерските дисциплини и е многукратен шампион на Македонија), Ѓорѓи Вучков (долги патеки), Јовица Славковиќ и Боро Аврамовски (средни патеки), Илија Спасовски (фрлање кладиво)… Во тоа време се калеше една поголема група на атлетичари која со години достојно ќе го преставува “Работнички” во републички и сојузни рамки. Имињата на атлетичарите Томислав Андоновски, Зоран Радиќ, Стојан Горубински, Сотир Бангиев, Томе и Владо Ивановски, Љупче и Живко Кировски, Шабан Челебиу, Насер Сулејмани, Зоран Кнежевиќ…., како и на атлетичарките Душка Поповска, Стојна Ангеловска, Зага Иванова, Марица Дунгевска, Лилјана Златева… се столб на екипата во тие години. Кон средината на 70-те се јави една нова надежна генерација во која челно место имаа : Елизабета Божиновска-Вучкова и Исмаил Мачев (спринтерски патеки), Лидија Симоновска-Андоновска (фрлање копје), но покрај нив се калеа и созреваа Мирјана Тодорова, Верица Цветиќ, Славица Ивкова, Соња Ангеловска, Божанка Хаџиниколова-Чадиковска, како и Зоран Петровски, Сашо Путев, Зоран Доневски, Васил Котевски, Игор Спировски, Шабан Реџаи…. Кон крајот на 80-те во “Работнички” се појавува нова генерација на успешни атлетичари : Кире Синадиновски, Игор Спасов, Зоран Ивановски, Трпе Мартиновски, Каролина Наумовска, Светлана Арџалиева, Лила Петрушева, Жаклина Ковачевска, Мери Јовановска.

Во почетокот на 90-те се појавува новата генерација на атлетичари, а на чело на таа генерација е македонскиот рекордер во фрлање копје Дејан Ангеловски, а тука се и Стојанче Ристовски, Кристијан Кајчевски, Дејан Спасов, Миодраг Славковиќ, Трајче Богдановски, Игор Божиновски, Александар Георгиевски, Диме Поповски, Александра Војневска, Марија Димитрова, Маја Груевска, Александра Мишева, Борјана Божиновска, Весна Чадиковска….